Како се натерав да вежбам од дома?

Искрено, никогаш не сум била спортски тип, што значи дека секогаш сум имала одбивност кон вежбање, па секако сум се мотивирала себеси да вежбам само поради здравствен бенефит. Порано кога одев на вежбање после работа, цел ден го мислев терминот, како ќе ми биде тешко, дали сум јадела соодветно, дали ќе бидам преморена после тоа и многу други слични мисли ми се вртеа низ глава. Највеќе од сé секако го мразев моментот кога некој ќе ме викне на кафе, театар, дружба или седенка и ќе морав да одбијам зошто сум на вежбање 🙁 Вежбањето го гледав како обврска, а не како избор, незнаејќи дека тоа ќе се смени комплетно преку ноќ.

Во моментов додека го пишувам овој пост сум веќе 11ти ден дома, работам од дома, седам дома, имам онлајн дружби со пријателите од дома, нарачувам храна од дома, правам сé од дома. Не, не излегувам. И што ми остана да набројам дека правам од дома? Аха, да. Вежбам од дома! Веќе 10ти ден без прекин вежбам секој ден од дома, и не планирам да прекинам. Ако некој се пронајде и сочувствува со фактот дека “морам да вежбам” отколку “сакам да вежбам”, се надевам дека ќе му помогнат и следниве мои мотивациски совети за како да се натераш да вежаш од дома?

Here we go> Ова се моите топ 5 работи што ги направив

1. Си реков на себе си дека е само проба – trial

Па не мора да се врзуваш одма, пробај барем 2-3 дена, ако не ти се допаѓа смени го тајмингот, смени ги вежбите, смени го темпото, ништо не е фиксно, нели? Не може да одмогне, може само да помогне.

2. Сфатив што ми треба од опрема и ја баталив неудобната облека за вежбање

Многу брзо направив селекција за што точно ми треба да вежбам од дома. Не ми треба фенси спортска опрема од најнова колекција, тотално можам во тренерките за по дома и старата памучна маичка (ова се однесува на сите вас што се сликате во теретана), не ми треба фенси шише за вода, имам чаша, не ми требаат не знам какви обувки. Но, ми треба подлога за вежбање, без ова сфатив дека не можам, ми требаат тегчиња , ми треба пилатес топка зошто вежбам комбинација од јога и пилатес. И секако ми требаше едно фиксно место во домот што си го назначив за вежбална, не мора да е наместено со опремата, само да знаете дека таму ќе ја ставите подлогата.

3. Почнав да се хранам соодветно

Ако претходно бeв постојано наваму – натаму, сега сум дома и немам изговор. Ќе го темпирам јадењето според вежбање и обратно. Ако вежбам дента нешто полесно за истегнување и релаксација не се оптеретувам со оброкот, ако вежбам повеќе кардио или потешки вежби, ќе гледам да вклучам протеини тој ден во храната. Не сум експерт, се трудам да го извадам максимумот. Некогаш нарачувам храна, некогаш готвам. Не бидете престроги кон себе, посебно во овој период важно е да сте здрави.

4. Најдов соодветна програма за вежбање што ми одговара

Сега барем изборот е огромен, 30 дневни предизвици за јога, цели програми за пилатес, кардио по дома, 7 минутни серии на вежби, си бираш сам. Може да одиш без водич ако си веќе искусен, па за ваквите сигурно ептен би им помогнало да се опремени со справи (моја препорака: комплет сет за вежбање, клупа за стомачни, за најјаките iron gym). И секако, на крај, без многу експериментирање, ако не се снаоѓаш еве ти комплетен пакет за онлајн вежби и исхрана тука.

5. Мотивација, мотивација, мотивација, мислам дека ја најдов.

И за крај, најважното што ќе ти ја одржи рутината е мотивацијата. Прво, ако ти e тешко да ти премине во навика, ќе ти треба секојдневно да се мотивираш. Во овој момент посебно (а реално и во секој друг) за мене мотивацијата е здравје. Плус, со оглед на ограниченото движење во моментов и те како ни е потребно некоја вежба и екстра размрдување. Да се мотивираме заеднички, да останаме здрави, да седиме дома и кога сé ќе заврши барем ќе имаме тела за пофалба, а секако и мнооогу посилен дух.

Чувајте се, седете дома и вежбајте

Iva Trembelieva

Iva Trembelieva

Оперативен директор