Драги купувачи, соработници и пријатели,
Го лансиравме Grouper.mk во јануари 2011 година, со визијата дека ќе ја промениме е-трговијата во Македонија. Поминаа скоро 8 години откако ентузијастички тргнавме на ова „патување”, но ние сé уште ја чувствуваме истата пасија и возбуда за работата. Вчера традиционално се оддржа манифестацијата “Сајт на годината“, а Grouper беше избран за најдобар сајт во Македонија за 2018 година. Покрај главната награда освоивме и 4 други награди во категориите: Најдобар сајт за е-трговија (3то место); Најдобар корпоративен сајт (2ро место); Најдобра мобилна апликација (2ро место) и Најдобар мобилен сајт. По тој повод денес сакам да ви се обратам и да ви се заблагодарам од се срце за довербата, за поддршката и за тоа што го избравте Grouper.mk.
Ви благодариме што постоите! Grouper.mk e најдобар сајт за 2018 година а вие сте нашите шампиони! Вие сте нашите победници, вие сте најдобрите соработници, најдобрите корисници, најдобрите пријатели. Без вас Grouper.mk немаше да биде најдобриот сајт во Република Македонија.
Ова признание е заедничко–ваше и наше!
Ова признание ви го посветуваме на сите вас–сите вие корисници кои со секое прашање, коментар, сугестија, критика ни помагате низ годините да учиме, да спознаваме, да помагаме, да го подобруваме квалитетот, да ги дигнеме стандардите. Вие кои ги толерирате инцидентните технички грешки и багови и нé информирате да преземеме акции. Сите вие кои ни давате разбирање и кои ни ги простувате грешките. Сите вие кои ја користите Grouper.mk мобилната апликација кога ви треба да купите или најдете било што, било кога во било кое време–без вас како критична маса ние немаше да можеме секојдневно да инвестираме во нејзино подобрување. Сите вие кои нé следите и секојдневно го посетувате Grouper. Сите вие кои сте ни ја дале довербата со оставање на вашата email адреса и сте ни одобриле да ве известуваме за новите зделки кои ги креираме со многу љубов и пасија.
Сите вие соработници кои со раширени раце ја прифаќате секоја наша нова идеја и иницијатива и сте секогаш расположени да се вклучите. Вие сте хероите кои водите сопствени бизниси, кои сте способни да препознаете добри можности. Вие сте нашите шампиони. Без вас немаше да постои Дестинација Македонија, Black Friday, Недела на Храна, Златни зделки и ред други идеи кои заеднички сме ги претвориле во најдобрите кампањи на македонскиот пазар. Без вас ниедна наша идеја немало да прерасне во реалност.
Сите вие кои понекогаш ќе ни пратите стикер на Viber или emoji во mail и ќе ни го разубавите денот. Сите вие кои ни упатувате пофалби кои го прават нашиот тим горд. Да знаете дека секој ваш убав збор за нашата работа е споделен во нашата Slack група. Исто така и секоја ваша критика за нас или нашата работа е споделена на нашиот #Wallofshame канал да нé потсетува дека секогаш треба подобро, дека секоја ваша критика е извор за подобрување, а никогаш игнорирање. Секој еден од вас е дел од оваа приказна.
Сите родители, сакани, пријатели на сите членови на нашиот тим кои имаат разбирање за отсуствата кога ги спремаме големите кампањи (плус први ни ставаат лајк на секој објавен пост). Сите пријатели, стриковци, тетки, комшии кои играат улога на мистери шопери на „терен” и нé известуваат за сите недостатоци. Сите членови на тимот на GSix (нашиот IT партнер) кои се спремни да ги остварат нашите и вашите желби за нови функционалности и одгoворно да ги поправат грешките што ги предизвикале, a вие сте ни ги пријавиле 🙂
Сите вие кои гласавте, кои ни давате поддршка, кои се будите со Grouper апликација, кои го имате Grouper на home page, сите вие кои им купувате купони на колешките на работа од вашите профили… сите вас сме ви благодарни! Благодарни сме и на нашиот партнер Mastercard кој ни ја даде довербата изминатава година и ги поддржа нашите иницијативи. И last but not least најголема благодарност на организаторите на Сајт на Годината–Media Solutions кој овозможија нашата работа да биде спознаена.
Наградите и признанијата се производ на добрата работа, но не и главната цел. Креативниот тим е мотивиран од желбата да твори, да креира, да остварува, а не од желбата да ги победи другите.
Признанието да се биде „најдобар” носи прекрасни емоции на победа, адреналин, допамин, возбуда, но носи и голема одговорност со себе—да се биде пример на кој другите може да се угледаат. Е-трговијата ја променивме и ќе продолжиме да ја менуваме заедно со сите вас. Прогресот не е лесен ама секогаш е енергичен. Изминатава година беше многу турбулентна за нас ама ова признание ќе ни биде потсетник дека нашиот труд и напорна работа биле препознаени и валоризирани. Свесни сме дека процесот на трансформација е вечен, учењето е животен процес и спремни сме да продолжиме со полна пареа, да го менуваме статус-квото, да излеземе од комфорната зона (или никогаш да не влеземе во неа) и да ги креваме стандардите со вас, за вас и за сите останати.
Вчера на изборот на Сајт за годината победи големата Grouper заедница составена од илјадници корисници, стотици компании и тим од 18 вредни луѓе кои работат со цело срце и пасија. Нашите основни вредности во работењето ќе останат искреноста, чесноста и транспарентноста. Стремежот за перфекција продолжува бидејќи само така ќе успееме денес да бидеме подобри од вчера, а утре подобри од денес. Спремни сме за годината која следи–подготвени да ги лансираме новите проекти на кои работевме напорно изминативе 2 години.
Оваа победа е заедничка и за тоа целиот наш тим ви е неизмерно благодарен. Вие сте нашата инспирација. Останете прекрасни какви што сте и имајте позитивна и исполнета година.
Искрено–среќна, горда и благодарна <3
Нина Ангеловска