Сите сме согласни дека сезоната за патување официјално е отворена!
Но, тоа со себе носи други дилеми, трилеми и неодлучни мисли за тоа што треба да се понесе на едно патување, а да не изгледа тој процес како една масовна преселба на народите.
Аналогно на горната изјава, за да не се мачиш и да правиш списоци на лист хартија, во телефон за што сѐ си спакувал во куферот кои некако магично ги губиш, забораваш дома пред да тргнеш или едноставно не се водиш по нив и пакуваш пола живот за викенд во Грција, ти спремивме текст за најважните работи што треба да ги понесеш на твоето следно патување, во зависност од тоа кај планираш да одиш и што ќе правиш таму.
За на планина
Без разлика дали ќе одиш на тура со јавање коњи на Галичник, планинско уживање на Пелистер или пак прошетка до прекрасното Крушево, ранец, добра јакна, добра кондура, добар бејслеер, панталони за хајкање, кафе/чај, вода (минимум 3л) е задолжителна опрема за квалитетно и комфорно поминато време на планина, без разлика на годишното време. Временските услови на планина се менуваат во дел од секунда, така што добро е да носиш плус работи за секој случај!
П.С. За сериозните вљубеници во планинскиот туризам, хамок е задолжителна опрема!
За на езеро/море
Ако си од оние ликови кои веруваат во тоа дека вистински одмор е само ако си во близина на поголема водена површина (река, езеро и море), а сѐ останато не важи, тогаш за викенд во Грција, езерско уживање во Охрид, Дојран, all inclusive понуда во Бугарија или плажирање на песочна плажа во Албанија, пешкир, наочари за сонце, костим за капење, крема за сончање, влечки, апостолки и торба за на плажа се задолжителни модни додатоци за твоето следно уживање покрај вода.
П.С. Не заборавај да си нарачаш коктел додека лежиш на плажа! Одличен лек за намалување на акумулираниот стрес.
За во урбана средина
Третата категорија на патувачи се урбаните шетачи кои уживаат во шетање по жежок асфалт додека ја истражуваат историјата, убавината и магијата на градот.
Наша препорака е да почнеш со шопинг во Белград или еднодневна екскурзија до Солун, чисто да влезеш во форма на 20+ км шпартање по градски улици.
Што да понесеш? Удобни патики за шетање (ака облачиња на нозе), dri-fit маичка, лабав шорц (може ленено) т.е. облека која дише и многу лесно ја впива и суши потта од телото, капа за сонце, наочари за сонце, телефон, пасош, крема за сонце и кондиција за целодневно шетање. Ќе болат нозе, ама за убаво!
Авантури
Како за крај, го завршуваме овој текст со наши предлози со есенцијални работи за сите авантуристи кои сакаат рафтинг на Тара, АТВ тура во Галичник, тура со SUP даска низ Охридско езеро, летање со параглајдер од Водно и слично.
За секој авантурист, освен тоа што треба соодветно да се облече (пр. за рафтинг – водоотпорна облека, за АТВ – нешто старо што може слободно да се извалка и фрли, за SUP даска – неопренска маичка…), најважното нешто што треба да го понесе со себе кога оди на ваков тип на авантура е храброст. Без тоа и доволна доза на самодоверба ништо не правиме!
Одбери ја твојата дестинација ТУКА, испрати ја до омилениот партнер/друштво за патување и почни со лесни подготовки за сериозно јако патувачко искуство.