Одењето на тим билдинг патувања некако ни е традиција и тоа не еднаш туку два пати годишно, и зима и лето (а разлислуваме да поднесеме предлог закон за задолжително организирање тимски дружења на 2 месеци). Накратко, тоа се одлично испланирани три дена каде 24h ги зајакнуваме, градиме или доградуваме нашите пријателски односи и колегијални врски, каде со сигурност ги запознаваме сите неоткриени таленти на нашите колеги (посебно поттикнати од мастерот т.н алкохол), каде се раѓаат најдобрите out of the box идеи, се шират шеги што се користат до следната дружба и секако како што и самото име кажува задолжителното ги “билдаме” стомачните мускули од смеа 🙂
За да имаме незаборавна тимска дружба не препуштаме се на спонтноста и ведриот тимски дух, туку благодарение на нашата “професионалана деформација” за креативно планирање, однапред дефинираме агенда на забавни активности и игри. Не би сакале да напишеме правилник за незаборавно тимско дружење, но сигурни сме дека со споделување на нашите искуства ќе ви ги размрдаме мозочните клетки и ќе ви всадиме нови идеи за вашите тимски или домашни дружби.
Така по повод нашиот летен тим билдинг кој го реализиравме изминатиот викенд, споделуваме со вас една нова тим билдинг игра!
Играта баш и нема некое дефинирано име, но ние ја крстивме “Бомби”/”Мини”/“Слепци” 🙂 (кој како си сака)
Потребни реквизити:
- Простор за играње – исцртано поле со добро означени завршни линии (може на песок, или на асвалт со креда)
- Бомби кои се поставуваат низ полето – чаши со вода/песок, гуми, папучи, торби и се останато што ќе ви дојде при рака, а ви изгледа бомбастично
- Марами – за врзување околу очи
Како се игра?
За да е забавно добро е да има минимум 3 парови + 1 обзерватор/модератор/судија а може и двајца. Едниот учесник од секој пар има врзани очи, а неговиот партнер треба да му дава насоки како најбрзо да помине низ полето со “бомби” без да нагази на мина/бомба. Сите учесници тргнувааат во исто време, што значи дека и нивните партнери зборуваат истовремено, а целта е секој учесник да го следи и слуша гласот на својот партнер. Играта ја следат судиите (или судија) кои го мерат времето и запишуваат дали и колку бомби згазнал секој од учесниците. За секоја згазната бомба се додаваат 20 секунди во време за на крајот да се споредат времињата на сите парови за да се утврди победникот. Во принцип едноставна, забавна и корисна игра со која се истакнуваат способносите на членовите за апстрахирање од повеќе гласови и фокусирање на одредена работа, што е потребно особено во канцелариите во океан систем.
Нешто друго што ќе ви треба:
- Прво и основно, што по продорен глас, нели морате да ги надвикате сите останати грла
- Второ (исто така основно) добро накострешени уши!
- Челични нерви (посебно за судиите) за да докажеш дека “само” (не) ја цивна бомбата
- Задолжително уклучена камера 🙂
Еве видео и фотографии како изгледаше играта со нашиот тим 🙂 Забавувајте се!